Молк

Saturday, December 8, 2012. comments (0)
Кршлива сум , како никогаш досега,
нема збор, нема дело што не направи пукнатина.
Нема допир, нема насмевка и солза
што не направи моето срце да чука како лудо.

Како да те погледнам во очи?
Раскажи ми една среќна приказна за љубовта!
Што да му речам на моето срце кога ќе праша?
Лавица бев кога љубев и се борев.
Истокот е одамна зад мене.
Врелина во моите гради.
А ти си далеку!

Кога моето срце би зборувало,
зборовите би ги изгореле сите лаги
сите преправања.

Јас ќе молчам засекогаш.

Кога моето срце би зборувало?

Кршлива...


Leia Mais...

Пеперутка во твоите раце

Saturday, July 7, 2012. comments (0)
Штом помислам на тебе
кожата ги отвора сите пори,
како платно за твоите цртежи
да го впие секој твој потез,
секој твој удар од четката.

Ме обликуваш како сакаш,
задоволна сум со твојот стил,
цврста и огнена жена
излезе од твоите раце
спремна за нов допир.

Ми вдахнуваш нов живот,
од природата правиш чуда,
во огнот гориме двајцата,
јазиците ни се вплеткани
во јазолот на страста.

Меурче од среќа
во овој свет на тага,
го сликаме заедно
со опуштени потези
на нашите тела.

Нацртај ме
онаква каква сакам да бидам,
допирај ме по целото тело,
облик на пеперутка дај ми,
да полетам во твоите раце
да го вриснам твоето име.

Leia Mais...

Слики во црно-бело

Wednesday, July 4, 2012. comments (0)
Слика 1

Лицето ти е облеано во пот.
Далеку сум,
со мислите во црнила тонам,
не допуштив да влезеш,
си мислиш дека си во мене,
но тоа е само лушпа, отвор.
Јас сум далеку
далеку од тебе.

Слика 2

Во тунелот на страста
ме вовлече како крадец,
се вовлече тивко
во моето тело,
без глас и отпор,
без да трепнам
во темнината блесна .

Слика 3

Болка и удар,
загриз во месо,
крвта нема боја.
Темнина,
па искри.
Не постои грев,
само потрага
по љубов!

Leia Mais...

Крај

comments (0)
Очекував
ти да бидеш јас,
а јас ти.
Исти
по душа,
по желби.
Очекував,
згрешив,
невидлив ланец
ти скроив,
си го стегнав срцето,
го повлече
барајќи ја
слободата,

Очекував
солзи да ми бришеш,
рани да лечиш.
Не си должен,
не си виновен.
Слободата
со солзи
не се добива,
раните со молби
не се лечат.
Љубовта
со желби
не опстојува.
Очекував
и сама си нанесов болка.
Сега каде да одам?
Од себеси
подалеку,
да плукнам на се,
во нова кожа
да се облечам
и да ти речам збогум.

Leia Mais...

Игра

comments (0)
Допри ме,
сврти ме,
стисни ме,
гризни ме,
удри ме,
одбутни ме,
прегрни ме,
бакни ме,
стопли ме,
олади ме,
прави што сакаш
и не прави ништо.
Јас играчка
и плачка
не сакам
и сакам,
те мразам,
те љубам
се кријам
и отварам,
те пуштам
и те бркам,
која сум
знам
и не знам,
ме познаваш ли?
Одговор имаш,
заедно сме
и не сме,
едно
распарчено на две,
конфузија
и смеа,
солзи
и болка
имам
и немам,
празна сум,
а полна,
внатре си
а надвор.
Летам,
а ме врза,
ме држиш,
а пушташ,
бескрајност
на крајот,
крај
на вечноста.

Leia Mais...

Патување

comments (0)
Прелетував над полињата на моите желби
очајно обидувајќи се да се вратам
онаму каде сакав да бидам.
Онаа јас која се смее со детска насмевка
да ја најдам и да си поиграм со неа
можеби повторно ластик да прескокнам
или пак да бакнам момче во образ,
да се сцрвенеам на лицето
и да се покријам со рацете.
Постојат некаде тие предели,
само треба да ги најдам,
затворам очи и патувам,
можеби рајот така изгледа,
склоп на соништа и посакувања,
насмевки и бакнежи,
да и се насмеам на вистинската јас,
да ги фрлам огорченоста
и тагата низ реката од солзи,
да прелетам над полињата
на моите надежи.

Leia Mais...

Минатата ноќ

comments (0)
Лежев на подот,
ладовина барав
за сон ,
за одмор,
барав мир.
Месечината ѕиркаше,
ветерче пиркаше,
ноќницата ме откриваше,
нежно ме милуваше.
Сонот си леткаше наоколу,
да не го прекине
водењето љубов
меѓу мене
и месечината,
мирис на страст во ноздрите
и немир прекрасен
ме обзема,
дете на ноќта се роди
и му се насмевна на сонот,
летнаа кон месецот,
песна приспивна
леко ме покри,
очи заклопив
и летнав со нив.

Leia Mais...