Писмо

Wednesday, January 4, 2012. comments (0)
Напишав писмо на небото!
Букви од желби, зборови од копнеж,
ѕвезди и знаци
ја осветлуваат мојата мисла,
ја потцртуваат мојата проста емоција.

Напишав писмо на небото!
Облаците ги скрија
зборовите од кои се срамам,
 птиците се кикотеа
на моите смешни реченици.

Напишав писмо на небото!
Ништо мудро, ниту ново,
повикав снег да ги избрише
доказите за моите чувства.
Или дожд да ги засени моите солзи.

Напишав писмо на небото!
Ако некогаш погледнеш нагоре
може ќе прочиташ меѓу ѕвездите
и капка дожд ќе капне
во твоето око наместо солза.

Напишав писмо на небото!
Снегулките нежно ќе ја раскажат
мојата приказна на оној кој сака да ја слушне,
ионака на крај ќе паднат под нозете
на случајните минувачи.

Напишав писмо на небото!
Не беше доволна хартија и перо,
ниту можев да изустам пред тебе.
Сакав да споделам со ѕвездите,
планетите, птиците и облаците!

Напишав писмо на небото!
Мојот живот е мал
за толку големо чувство.
Небото вечно нека раскажува
колку те љубам!

Leia Mais...