Ненаситна

Monday, June 4, 2012. comments (0)
Ти си ненаситна!
Од љубов никогаш не ти е доста.
Крвта постојано бара нова крв,
телото постојано бара ново тело.
Никој не е достоен за твојата жед,
никој не е доволен за твојот копнеж.

Ти си ненаситна!
Насекаде си ,барајќи ја насладата,
ја впиваш секоја капка пот
и секоја воздишка предизвикана
од твоите бедра
и твојот танц во ноќта.

Ти си ненаситна!
Не се најде маж кој ги има сите твои желби
во својата рака, во својот допир.
Не се најде јунак,
јунак кој ќе го освои твоето царство
на солзи , смеа и крв.

Ти си ненаситна!
И секоја игра е се пострашна,
секоја потрага предизвикува бол,
секоја рана станува се подлабока,
јазикот на секоја жртва
истружен лечејќи ги твоите рани.

Ти си ненаситна!
Но само така се чувствуваш дека те има,
дека си доволно жива
за да танцуваш со ноќта,
за да не умираш полека
без никого покрај себе.

Leia Mais...

Бакнеж

comments (0)
Ги бакнувам усните на љубовта,
понекогаш тие се меки и насмеани,
напати недостижни и туѓи.
Бакнеж без услови
посакувам.

Имаш измамнички усни кои нудат се,
а всушност обврзуваат,
бараат потпис со крв
и душата моја  ја земаат.
Бакнеж како печат,
пресуда за доживотна робија.
Илузија за слобода
во кафезот на љубовта.
Дали птицата може да се љуби
само ако и се потсечат крилјата?

Ги бакнувам твоите усни,
а тие се претвораат во усни на друг маж,
двојност и метеж во моите мисли,
усните цинично ми се потсмеваат.

Затворам очи и одлетувам
да ја пронајдам слободата,
во твојот бакнеж се сокривам
да не забележиш колку сум далечна.

Еден бакнеж, илјадници мажи,
потрага по совршениот.
Парче по парче, бакнеж по бакнеж,
небото е една голема сложувалка.
На небото птица,
моето срце во потрага
по совршенството.
Не постои слобода
се додека имаш што да изгубиш.
Не постои совршенство
се додека не се откажеш од себеси.

Ме поседуваш со твоите усни
и моето тело го земаш
кога ќе посакаш,
но јас си изградив уште еден свет,
уште едно царство на неотсонувани бакнежи,
царство на младешки очекувања и желби,
далеку од се,
далеку од тебе!


Leia Mais...