Кога виното зборува
јас си молчам,
јас немам тогаш
што паметно да кажам.
Кога виното зборува
моите очи повторуваат по него,
солзи и смеа, од се по нешто,
моите усни бесрамно се црвени.
Кога виното зборува
јас си молчам,
ако и ти замолчиш
ќе го чуеш биењето на моето срце.
Што виното зборува
јас не можам да го кажам,
што моето срце отчукува,
јас незнам да го отпеам.
Ако замолчиме,
се погледнеме
и срцата си ги чуеме,
виното кажало се.
Кога виното зборува
моите усни се благи,
моите очи се сјајни,
погледни длабоко и бакни ме.
Ќе протече мед,
ќе заискри искра,
прекрасна музика
ќе засвири во нас.
Виното само вистина кажува,
тој нектар не е за секој,
кој од вистина бега
ни за љубов не е скроен.
Ноќ и вино,
зборови и насмевки,
мисли замаглени
и чувства скриени.
Утро и виното испари
зборови недоискажани
мисли разбистрени,
но вистината си остана.
Comentários:
Post a Comment