Немирна

Monday, November 7, 2011. comments (0)
Немирна,
нескротлива сум,
мислиш ме имаш,
а веќе сум далеку.

Немирна,
ме мами виењето,
волците на страста
го бараат својот данок.

Немирна.
Месечината ме води,
месечарам будна,
вијам и јас.

Немирна,
едно гризнување,
мора да има болка
за да има задоволство.

Немирна,
усните се жедни
за крв, за месо,
нокти во кожа.

Немирна,
огнот го топи секој мраз,
не се смирува
дур не го скротиш.

Немирна,
те предизвикувам,
само поголем ѕвер од мене
може да ме победи.
Leia Mais...

Дали знаеш?

Tuesday, November 1, 2011. comments (0)
Дали знаеш?
Ти си тој.
Свој и единствен,
никогаш мој,
а сепак близок.

Дали знаеш?
Јас сум таа.
Своја и единствена,
никогаш твоја,
а сепак блиска.

Дали знаеш?
Дека не барам
ништо од тебе,
а ти сепак даваш
и љубиш.

Дали знаеш?
Дека не бараш
ништо од мене,
а јас сепак давам
и љубам.

Дали знаеш?
Дека сме секогаш заедно,
а никогаш на исто место,
дека времето стои за нас
и се смета во години,
а не во денови.

Дали знаеш?
Дека го знаеш сето ова,
дека знаењето ништо не значи
се додека срцето не каже
точно во која година,
на кое место
ќе се сретнат
двете души
кои ништо
не бараат
една од друга,
а даваат
се!
Leia Mais...

А тебе те нема

comments (0)
Низ прозорецот гледам,
во далечините те барам,
ветришта ги брануваат гранките,
си поигруваат лево - десно,
облаци натежнале над црвеното небо,
празно е и тмурно
и тебе те нема.

Мирисот после дожд
ми влегува во ноздрите,
го вдишувам тој возбудлив
зрак на надеж,
дека после дожд
ќе дојде сонцето.
Телото ми трепери од возбуда,
од исчекување јас немам мир,
а тебе те нема.

Непредвидлива сум
како времето,
во лутина како ветер
можам се да однесам,
да заплакам како пороен дожд,
а потоа да се насмеам и да
се осветли ноќта
од мојата насмевка.
Но сонцето не можам да го заменам,
за тоа постоиш ти!
А тебе те нема.
Leia Mais...

Осаменост

comments (0)
Тоа е чувство кое ме јаде,
 сета надеж ја одзема од моето тело,
срцето нема на кого да ја даде,
таа љубов , тоа чувство врело.

Осаменост...
И милион луѓе да има околу мене,
нема да се смени таа мачна тага,
очи затворам, снагата ми вене,
вистината не се заменува со лага.

Осаменост...
Не, јас никаде не припаѓам,
ништо не е за мене мое,
за кратко кревам глава , па повторно паѓам,
блиско ми е само она што е твое.

Осаменост...
Најстрашно е кога откривам
дека и со тебе сум сама,
дека покрај тебе само стравот го покривам,
стравот од темнината, од вечната штама.

Осаменост...
На каде да погледнам,
на која страна да се свртам?
Јас само знам глава да веднам,
да фантазирам и визии да цртам.

Осаменост...
Зошто чекам да ми прозбориш,
да ми подадеш рака?
Ти мојата бајка незнаеш да ја твориш,
не си ти виновен што е така.


Осаменост...
Дал` е важно за некој што сум  тажна?
Дал за тебе тоа нешто значи?
Знам дека јас не сум ништо, не сум важна,
не ме погледнувај , не се мачи.

Осаменост...
Чувство кое не ми дава мир,
ни дење , ни ноќе спокој немам,
демоните повторно го прават својот пир,
се потешко , се помачно ми е воздух кога земам.

Осаменост...
Се е полесно кога ќе споделиш,
секоја рана помалку боли,
кога некој ќе те бакне, ќе помине-си велиш,
осаменоста саканиот го моли.

Го моли за уште барем еден ден,
една ноќ на среќа и полнота,
за зрак светлина од градината Еден,
пред повторно змијата низ нога да се мота.

И нема крај на таа борба,
борба со себе и својот сомнеж,
дека осаменоста ќе исчезне, немам верба,
ме растргнува постојаниот копнеж.

Осаменост...
Во моментов сум само јас и целиот универзум,
јас сум само една точка, зрнце песок,
не сум доволно паметна за ниту еден изум,
да можев да ја победам со еден тресок.

И моите зборови се губат во празнина,
суви и мрачни, се губат без оддек,
останува само тивка мачнина
и еден постојан глув лелек.
Leia Mais...

Кога виното зборува

comments (0)
Кога виното зборува
јас си молчам,
јас немам тогаш
што паметно да кажам.

Кога виното зборува
моите очи повторуваат по него,
солзи и смеа, од се по нешто,
моите усни бесрамно се црвени.

Кога виното зборува
јас си молчам,
ако и ти замолчиш
ќе го чуеш биењето на моето срце.

Што виното зборува
јас не можам да го кажам,
што моето срце отчукува,
јас незнам да го отпеам.

Ако замолчиме,
се погледнеме
и срцата си ги чуеме,
виното кажало се.

Кога виното зборува
моите усни се благи,
моите очи се сјајни,
погледни длабоко и бакни ме.

Ќе протече мед,
ќе заискри искра,
прекрасна музика
ќе засвири во нас.

Виното само вистина кажува,
тој нектар не е за секој,
кој од вистина бега
ни за љубов не е скроен.

Ноќ и вино,
зборови и насмевки,
мисли замаглени
и чувства скриени.

Утро и виното испари
зборови недоискажани
мисли разбистрени,
но вистината си остана.
Leia Mais...

"Онака како што е и никако поинаку "

Saturday, October 8, 2011. comments (0)
Во моите сништа јас бев кралица,
кралица на облаците од чоколадо и
малото виножито од солзи ,
лебдев на синото небо од насмевки,
се беше лесно и едноставно,
онака како што е
и никако поинаку.
Имав мала круна од воздишки,
очи полни со надеж,
коси распослани по полето
од очекувања и посакувања,
чевлички од немир и љубопитство.
Бев кралица на изгубените,
ги повикував на утринска музика,
свирачите на тагата
го одеа својот утрински марш.
Тагата и радоста
стануваа едно,
се венчаваа во капелата,
капелата на љубовта.

Бев и повеќе не сум,
секогаш има некој расположен за војна,
некој кој ќе го одземе она што е твое,
она што те прави среќен,
да бидеш онаков каков што си
и никако поинаку.
Едноставното стана сложено,
круната стана тешка,
очите се затемнија,
боса зачекорив по тлото,
тлото на голата реалност,
ми беше одземено моето кралство
бев протерана во земјата
на некој друг,
каде нема музика,
каде тагата е одвоена од радоста,
а радоста одамна отишла
на своето задоцнето
свадбено патување.
Капелата на љубовта
беше срушена.
Моето кралство немаше,
немаше веќе кралица!
Leia Mais...

Дали знаеш?

comments (0)
Дали знаеш?
Ти си тој.
Свој и единствен,
никогаш мој,
а сепак близок.

Дали знаеш?
Јас сум таа.
Своја и единствена,
никогаш твоја,
а сепак блиска.

Дали знаеш?
Дека не барам
ништо од тебе,
а ти сепак даваш
и љубиш.

Дали знаеш?
Дека не бараш
ништо од мене,
а јас сепак давам
и љубам.

Дали знаеш?
Дека сме секогаш заедно,
а никогаш на исто место,
дека времето стои за нас
и се смета во години,
а не во денови.

Дали знаеш?
Дека го знаеш сето ова,
дека знаењето ништо не значи
се додека срцето не каже
точно во која година,
на кое место
ќе се сретнат
двете души
кои ништо
не бараат
една од друга,
а даваат
се!

Leia Mais...