Писмо

Wednesday, January 4, 2012. comments (0)
Напишав писмо на небото!
Букви од желби, зборови од копнеж,
ѕвезди и знаци
ја осветлуваат мојата мисла,
ја потцртуваат мојата проста емоција.

Напишав писмо на небото!
Облаците ги скрија
зборовите од кои се срамам,
 птиците се кикотеа
на моите смешни реченици.

Напишав писмо на небото!
Ништо мудро, ниту ново,
повикав снег да ги избрише
доказите за моите чувства.
Или дожд да ги засени моите солзи.

Напишав писмо на небото!
Ако некогаш погледнеш нагоре
може ќе прочиташ меѓу ѕвездите
и капка дожд ќе капне
во твоето око наместо солза.

Напишав писмо на небото!
Снегулките нежно ќе ја раскажат
мојата приказна на оној кој сака да ја слушне,
ионака на крај ќе паднат под нозете
на случајните минувачи.

Напишав писмо на небото!
Не беше доволна хартија и перо,
ниту можев да изустам пред тебе.
Сакав да споделам со ѕвездите,
планетите, птиците и облаците!

Напишав писмо на небото!
Мојот живот е мал
за толку големо чувство.
Небото вечно нека раскажува
колку те љубам!

Leia Mais...

Предизвикот на вистината

Monday, December 26, 2011. comments (2)
Ветрови дувајте!
Бури заиграјте,
разбранувајте го моето срце!
Громови пукајте!
Тука сум,
ќе издржам.
Дали жива
 или мртва
сеедно е сега!

Солзи и дожд ,
мокро тело,
идам до крај!
Без компромис,
без лаги,
јас сум таа што сум,
дали жива
или мртва,
сеедно е сега!

Бранови однесете ме!
Се предавам цела,
без соништа,
без надежи
пловам низ животот
или смртта,
сеедно е сега!

Полна сум со љубов.
Омразата ја оставив зад себе,
немам стремежи,
ниту копнежи,
јас сум страст,
јас сум енергија,
едно сум со бурата!
Каде минам оставам пустош,
правам место за вистината,
а вистината не е тивка,
таа е онаква каква што е
и повикува на милиони пискоти,
предизвикува милиони воздишки
и не носи во живот
или смрт,
сеедно е кога се љуби!
Leia Mais...

Отровна месечина

Wednesday, November 30, 2011. comments (0)
Отровна месечино!
Толку сладок отров
внесуваш во моите вени,
умирам, со задоволство
во секое сетило.
Експлозија,
па темнина.
Само ти стоиш вечна,
полна и сјајна.

Отровна месечино!
Не ми даваат мир
сите твои покани
за грев, за патувања
непознати,
го прифаќам  твојот повик,
твојот сладок отров
се шири низ моето тело.
Експлозија,
па темнина.

Отровна месечино!
Ја пееш исконската песна
за  мажот и жената
и нивната страствена борба,
прапочетокот на секој грев.
Возбуда и танц,
нема криење од таа песна,
како морнар намамен од сирена
јас неможам да одолеам
на искушението.

Отровна месечино,
не се менувај!
Кој знае која песна е божествена,
а која ѓаволот ја пее.
Дал` љубовта може некогаш
да е грешна?
Дал` страста секогаш е
пеколна творба?

Отровна месечино!
Ќе седнам на твојата
округла сребрена рамка,
твојот сјај ќе биде замена,
за отсуството на топлина.
Топло тело,
студена топка,
ќе горам во желбата
да го допрам него
и да ме допре,
се додека отровот
ги нагризува нашите
млади тела.
Се додека не ја растопиме
сета твоја величественост!
Експлозија!
па темнина.
Но барем сме биле живи,
пред смртта.

Една мала ѕвезда
ќе се создаде во далечната вселена,
како спомен на нашата љубов!

Leia Mais...

Небо и земја

comments (0)
Залудно барам прибежиште,
со погледот вперен во небото,
ѕвездите остануваат недостижни,
а месечината мистерија.

Залудно барам прибежиште во твоите очи,
се разголувам сосема пред тебе,
останувам без засолниште,
земјата е мојата лежалка,
мојата перница се лисјата,
есента што ги фрли,
сувата земја ја впива секоја моја солза,
лисјата ја галат секоја моја насмевка,
мирисот на роса секое утро
е во моите мисли.
Како би било кога би исчезнал
секој лош мирис,
секој лош спомен
и секоја капка крв пролеана во неправда?
Секоја душа кога би имала свој мир?

Залудно барам нов свет,
гледајќи во облаците
се надевам на лет,
можеби не би болел секој пад толку,
ако би летнала барем за миг.

Но не се откажувам
од погледот вперен во небото.
Во земја ќе отидам,
но со небо во очите.
Не, не се откажувам од својата слика
во твоите очи,
во земја ќе отидам,
но со љубов во срцето .
Leia Mais...

Немирна

Monday, November 7, 2011. comments (0)
Немирна,
нескротлива сум,
мислиш ме имаш,
а веќе сум далеку.

Немирна,
ме мами виењето,
волците на страста
го бараат својот данок.

Немирна.
Месечината ме води,
месечарам будна,
вијам и јас.

Немирна,
едно гризнување,
мора да има болка
за да има задоволство.

Немирна,
усните се жедни
за крв, за месо,
нокти во кожа.

Немирна,
огнот го топи секој мраз,
не се смирува
дур не го скротиш.

Немирна,
те предизвикувам,
само поголем ѕвер од мене
може да ме победи.
Leia Mais...

Дали знаеш?

Tuesday, November 1, 2011. comments (0)
Дали знаеш?
Ти си тој.
Свој и единствен,
никогаш мој,
а сепак близок.

Дали знаеш?
Јас сум таа.
Своја и единствена,
никогаш твоја,
а сепак блиска.

Дали знаеш?
Дека не барам
ништо од тебе,
а ти сепак даваш
и љубиш.

Дали знаеш?
Дека не бараш
ништо од мене,
а јас сепак давам
и љубам.

Дали знаеш?
Дека сме секогаш заедно,
а никогаш на исто место,
дека времето стои за нас
и се смета во години,
а не во денови.

Дали знаеш?
Дека го знаеш сето ова,
дека знаењето ништо не значи
се додека срцето не каже
точно во која година,
на кое место
ќе се сретнат
двете души
кои ништо
не бараат
една од друга,
а даваат
се!
Leia Mais...

А тебе те нема

comments (0)
Низ прозорецот гледам,
во далечините те барам,
ветришта ги брануваат гранките,
си поигруваат лево - десно,
облаци натежнале над црвеното небо,
празно е и тмурно
и тебе те нема.

Мирисот после дожд
ми влегува во ноздрите,
го вдишувам тој возбудлив
зрак на надеж,
дека после дожд
ќе дојде сонцето.
Телото ми трепери од возбуда,
од исчекување јас немам мир,
а тебе те нема.

Непредвидлива сум
како времето,
во лутина како ветер
можам се да однесам,
да заплакам како пороен дожд,
а потоа да се насмеам и да
се осветли ноќта
од мојата насмевка.
Но сонцето не можам да го заменам,
за тоа постоиш ти!
А тебе те нема.
Leia Mais...