Демони

Thursday, June 30, 2011. comments (0)
Не ме оставај сама,
моите демони тоа го сакаат,
не ме оставај сама,
демоните на мојата душа тогаш се будат,
темнината на мојата тага е нивни дом,
силината на мојот копнеж  нивна храна,
кога тие се сити,
во мојата душа има само празнина.
Не ме оставај сама,
разговорот меѓу мене и јас се претвора во кавга,
за демоните најпривлечна музика.
Тие се капат во реките од солзи,
пијат од крвта зовриена од желби,
незадоволството е нивни десерт,
осаменоста - отворена врата,
влегуваат и излегуваат како да се дома,
проклетите,
затоа дојди, не ме оставај сама.

Еден ден, темнината ќе ме проголта
или копнежот ќе ме растргне,
Демоните ќе играат на погребот на мојата душа,
солзите повеќе ништо нема да значат,
повеќе нема да бидам осамена и да чекам,
да молам да се вратиш,
да ме спасиш,
од демоните на мојата душа.



Leia Mais...

Краставите жаби од устата на демократијата

Monday, June 27, 2011. comments (0)
Ми се чини дека народов во Македонија го свати поимот демократија само на еден начин, да има огромна слобода да биде креативен во ужасот и одвратноста на навредите кои ќе ги упатува кон другиот кој што заради поинакво мислење и начин на живот му пречи. Таков подем на слобода на говор на омраза и навреди јас навистина досега не сум доживеала како што е во последниве години. Патем,под демократија се подразбира и нешто народот да конструира, работи , твори и размислува. За лаење лесна работа.
Со популаризацијата на интернетот, особено фејсбук мрежата, блоговите  и форумите, секој (баш секој ) си даде за право да навредува и да не одбира начини да дискредитира друга личност и сето тоа зафаќа се поголеми размери и се попоган јазик и изразни средства кои посочуваат на немање елементарна култура на дебатирање и почит кон другиот соговорник (присутен или отсутен). Станавме светски шампиони во навредување и непочитување на туѓото и различно мислење и во измислување безброј погрдни имиња, клетви и закани за секој што се дрзнал нешто поинаку да каже во даден момент за одредена тема. Мислам дека тоа стана национална дисциплина во која сме најдобри, дискредитирање на се што некој друг го направил и навредување без аргументи ( бидејќи ако за нешто , некој е доволно паметен да го аргументира, не би имал потреба од навреди). Колку енергија и зборови се потрошија , доволни да се изгради кинески ѕид, а нашава држава се клати на лоша инфраструктура, труло здравство, патишта со дупки, села без струја и вода, факултети полни со полтрони и митаџии, уметност која дише на шкрги, администрација која функционира како од предисториско време, градски превоз со кој никаде и никогаш не се стигнува ( или бар не на време) , држава со народ кој се мрази и се му смета, кој фрла ѓубре кај стигне и чека некој друг да му го собере, народ кој фрла кучиња на улица и потоа сака некој друг да ги собира, народ на кој секое мило животинче му смета како да му е виновно за секоја фрустрација која самиот си ја дозволил, народ кој се залажува на трошка и си ја продава душата на ѓаволот за да го елиминира ангелот. И на никого не му текна прво да почне од себеси, прво своето ѓубре да го расчисти, своето животинче да го нарани, своето дете да го подучи , својот дом да го негува, па да се сврти тогаш околу себе и да се обиде да се види себеси во другиот. Тогаш навредите нема така лесно да излегуваат како крастави жаби од устите на народот, зошто секоја навреда тежи, секој збор остава трага, треба прво да се размисли , па после да се рече, прво да се направи нешто , па после да се критикува. Треба секогаш да мислиме како му е на другиот, треба секогаш да внимаваме да не го правиме она кое не сакаме на нас да ни се случи. А зборовите најлесно се случуваат, ама многу тешко се поднесуваат. Краставите жаби од устите на демократијата ја прават реалноста се повеќе да личи на мочуриште.
Leia Mais...

Глас

Monday, June 6, 2011. comments (0)
Со главата во облаците, а нозете на земја, пресечена на половина,
без крилја со кои ќе се одлепам од оваа проклета земја,
земја која ми ги искрши сите надежи, сите стремежи, сите желби,
во која надежта е како магла, смрдлива , густа и неподнослива,
лажлива магла која ги покрива вистинските облици на нештата.
Ми иде да викнам, да останам без глас,
но само отварам уста и нема како риба на суво едвај дишам
зошто ова не е мојата природна средина,
ова не е местото на кое сакам да бидам,
ова не е водата во која слободно ќе пливам,
ниту воздухот во кој слободно ќе летам,
каде и да се свртам, само решетки судирам,
само ѕидови ме стегаат, се повеќе,
се пожестоко удирам, се пожестоко се борам,
зошто само јас ги гледам овие ѕидови обоени во разнобојни бои,
во шарени лаги, во цветни самозалажувања,
имаме се, а немаме ништо...
чекаме ко орлиња некој да плукне во нашите усти,
нашите усти на новороденчиња кои не знаат сами да се грижат за себе,
а мислат дека се изградени и силни личности.
Ми иде да викнам, да провикнам "Па што ви е луѓе
кај ви се очите, каде ви се крилјата,
кои сакате да бидете, каде сакате да идете?"
Но нема кој да чуе, нема кој да види,
светот е толку гласен, што е сосема стишен и замолкнат во лагата,
далеку од вистината, далеку од совршенството.

Leia Mais...