Краставите жаби од устата на демократијата

Monday, June 27, 2011.
Ми се чини дека народов во Македонија го свати поимот демократија само на еден начин, да има огромна слобода да биде креативен во ужасот и одвратноста на навредите кои ќе ги упатува кон другиот кој што заради поинакво мислење и начин на живот му пречи. Таков подем на слобода на говор на омраза и навреди јас навистина досега не сум доживеала како што е во последниве години. Патем,под демократија се подразбира и нешто народот да конструира, работи , твори и размислува. За лаење лесна работа.
Со популаризацијата на интернетот, особено фејсбук мрежата, блоговите  и форумите, секој (баш секој ) си даде за право да навредува и да не одбира начини да дискредитира друга личност и сето тоа зафаќа се поголеми размери и се попоган јазик и изразни средства кои посочуваат на немање елементарна култура на дебатирање и почит кон другиот соговорник (присутен или отсутен). Станавме светски шампиони во навредување и непочитување на туѓото и различно мислење и во измислување безброј погрдни имиња, клетви и закани за секој што се дрзнал нешто поинаку да каже во даден момент за одредена тема. Мислам дека тоа стана национална дисциплина во која сме најдобри, дискредитирање на се што некој друг го направил и навредување без аргументи ( бидејќи ако за нешто , некој е доволно паметен да го аргументира, не би имал потреба од навреди). Колку енергија и зборови се потрошија , доволни да се изгради кинески ѕид, а нашава држава се клати на лоша инфраструктура, труло здравство, патишта со дупки, села без струја и вода, факултети полни со полтрони и митаџии, уметност која дише на шкрги, администрација која функционира како од предисториско време, градски превоз со кој никаде и никогаш не се стигнува ( или бар не на време) , држава со народ кој се мрази и се му смета, кој фрла ѓубре кај стигне и чека некој друг да му го собере, народ кој фрла кучиња на улица и потоа сака некој друг да ги собира, народ на кој секое мило животинче му смета како да му е виновно за секоја фрустрација која самиот си ја дозволил, народ кој се залажува на трошка и си ја продава душата на ѓаволот за да го елиминира ангелот. И на никого не му текна прво да почне од себеси, прво своето ѓубре да го расчисти, своето животинче да го нарани, своето дете да го подучи , својот дом да го негува, па да се сврти тогаш околу себе и да се обиде да се види себеси во другиот. Тогаш навредите нема така лесно да излегуваат како крастави жаби од устите на народот, зошто секоја навреда тежи, секој збор остава трага, треба прво да се размисли , па после да се рече, прво да се направи нешто , па после да се критикува. Треба секогаш да мислиме како му е на другиот, треба секогаш да внимаваме да не го правиме она кое не сакаме на нас да ни се случи. А зборовите најлесно се случуваат, ама многу тешко се поднесуваат. Краставите жаби од устите на демократијата ја прават реалноста се повеќе да личи на мочуриште.

Comentários:

Post a Comment