Без маска

Monday, September 19, 2011.
Понекогаш сум груба и гласна,
понекогаш пак нежна и тивка,
понекогаш дива и саможива,
понекогаш пак кротка и дарежлива.
Го кажувам она што го мислам,
јазиков многупати е побрз
од разумот,
што срце чувствува
се гледа во моите очи,
дали болка по усните наудолу,
дали радост по ѕвездите во очите,
дали срам по зацрвенетите образи.
Понекогаш сум жена
која знае што сака,
понекогаш дете кое првпат
го гледа светот.
Понекогаш сум груба и гласна
зошто ќе препукнам
ако не викнам,
понекогаш сум нежна и тивка
оти сакам да ја поделам
сета љубов што ја имам
и тивко да ги шепотам
тајните на мојата душа.
Соголена така,
стојам пред тебе,
ги трпам ударите
без никаков штит.
Може да викам,
може да удирам,
може да галам
ил да шепотам нежно,
но нема да лажам,
ниту да глумам
зошто љубовта е посилна така
кога се прима
 со болка и рик.







Comentários:

Post a Comment