Бакнеж

Monday, June 4, 2012.
Ги бакнувам усните на љубовта,
понекогаш тие се меки и насмеани,
напати недостижни и туѓи.
Бакнеж без услови
посакувам.

Имаш измамнички усни кои нудат се,
а всушност обврзуваат,
бараат потпис со крв
и душата моја  ја земаат.
Бакнеж како печат,
пресуда за доживотна робија.
Илузија за слобода
во кафезот на љубовта.
Дали птицата може да се љуби
само ако и се потсечат крилјата?

Ги бакнувам твоите усни,
а тие се претвораат во усни на друг маж,
двојност и метеж во моите мисли,
усните цинично ми се потсмеваат.

Затворам очи и одлетувам
да ја пронајдам слободата,
во твојот бакнеж се сокривам
да не забележиш колку сум далечна.

Еден бакнеж, илјадници мажи,
потрага по совршениот.
Парче по парче, бакнеж по бакнеж,
небото е една голема сложувалка.
На небото птица,
моето срце во потрага
по совршенството.
Не постои слобода
се додека имаш што да изгубиш.
Не постои совршенство
се додека не се откажеш од себеси.

Ме поседуваш со твоите усни
и моето тело го земаш
кога ќе посакаш,
но јас си изградив уште еден свет,
уште едно царство на неотсонувани бакнежи,
царство на младешки очекувања и желби,
далеку од се,
далеку од тебе!


Comentários:

Post a Comment