Сладок грев

Sunday, March 25, 2012. comments (0)
Прегрни ме!
Обвиткај ги твоите гранки,
пушти ги своите корења,
зари ги твоите боцки!
Крв нека потече од моето меко тело,
модринки на страста
нека ме означат на секое делче!
Сакам да чувствувам,
нејќам да сум ладна,
ниту  да спијам!
Очиве да не ги затворам,
цела ноќ и цел ден.
Како волци да завиваме
на месечината
се додека гласот не оформи
вечен оган
на кој ќе гориме!
Гревот наш е толку рајски,
пеколот ни го отстапува
својот пламен
да не осветлува
додека грешиме
одново
и одново
се додека
дојдеме до крајот!
За нас ќе се поклопат доброто
и злото,
страста ќе не одведе далеку
од судот,
блиску до блудот,
о тој толку сладок грев!

Leia Mais...

Македонски народни песни ;)

Wednesday, February 29, 2012. comments (0)
Leia Mais...

Чекајќи ја пролетта

Tuesday, February 21, 2012. comments (0)
Зимата ги замрзна нашите срца,
студенилото `не затапи,
без мириси, без боја,
како `се да умира,
како `се да спие.

Во тишината зачув тропот,
топлина низ моето тело,
во ноздрите навлезе мирис
на млада трева и свеж воздух,
благ трепет низ моите гради.

Нешто се буди во мене,
мислев дека не сум повеќе жива,
дека не можам да љубам повеќе,
не можам да допрам, ниту да милувам,
ниту да бакнувам.

Усните се зацрвенија,
благ вкус на вино почуствуваа,
во окото искра светна,
да осветли, љубовта да ја најде,
ако ја нема да ја измисли.

Мирис на пролет,
поглед во иднината,
додека се движам,
сакам тоа да биде
во тактот на љубовта!

За да не умирам тивко,
сакам гласно да живеам.
За да го прикријам тивкиот лелек
со сета сила ќе викнам
во врвот на уживањето!

Тоа е момент кога се испреплетуваат
смртта и оживувањето,
љубовта и омразата,
надежта и очајот,
момент кога сваќам дека сум жива.

Leia Mais...

Молитва кон никој

Sunday, February 19, 2012. comments (0)
Што да правиш кога сиот свет се урива врз тебе?
Да умираш со него, да се предадеш
или да го чуваш секој здив за подобри времиња?

Што да правиш кога повеќе не веруваш ни во своите соништа?
Да престанеш да сонуваш, да се предадеш
или да  заспиеш сонувајќи за некои подобри времиња?

Што да правиш кога насмевката си ја проголтал во длабочината
на своето скршено срце , а гордоста си ја закопал
во урнатините на твојот уништен свет?

Да се прашуваш себеси секој ден,
зошто си жив и која е твојата цел?

Да се прашуваш  каков е овој свет,
свет со милиони прашања ,а ниеден одговор.

Што да правиш кога илузиите се распрснуваат
на милиони огледални парчиња на кои секој одраз е чудовишен?
Да замижиш, да зачекориш и да се надеваш дека
ништото нема да те обземе?

Што да правиш кога сите бои и сите мириси
ја губат својата свежина и засмрдуваат под урнатините
на твоите раскршени соништа?

И ништо повеќе нема да биде како што беше.

Што да правиш кога дошол моментот да се молиш,
а ти во ништо веќе не веруваш?

Leia Mais...

Писмо

Wednesday, January 4, 2012. comments (0)
Напишав писмо на небото!
Букви од желби, зборови од копнеж,
ѕвезди и знаци
ја осветлуваат мојата мисла,
ја потцртуваат мојата проста емоција.

Напишав писмо на небото!
Облаците ги скрија
зборовите од кои се срамам,
 птиците се кикотеа
на моите смешни реченици.

Напишав писмо на небото!
Ништо мудро, ниту ново,
повикав снег да ги избрише
доказите за моите чувства.
Или дожд да ги засени моите солзи.

Напишав писмо на небото!
Ако некогаш погледнеш нагоре
може ќе прочиташ меѓу ѕвездите
и капка дожд ќе капне
во твоето око наместо солза.

Напишав писмо на небото!
Снегулките нежно ќе ја раскажат
мојата приказна на оној кој сака да ја слушне,
ионака на крај ќе паднат под нозете
на случајните минувачи.

Напишав писмо на небото!
Не беше доволна хартија и перо,
ниту можев да изустам пред тебе.
Сакав да споделам со ѕвездите,
планетите, птиците и облаците!

Напишав писмо на небото!
Мојот живот е мал
за толку големо чувство.
Небото вечно нека раскажува
колку те љубам!

Leia Mais...

Предизвикот на вистината

Monday, December 26, 2011. comments (2)
Ветрови дувајте!
Бури заиграјте,
разбранувајте го моето срце!
Громови пукајте!
Тука сум,
ќе издржам.
Дали жива
 или мртва
сеедно е сега!

Солзи и дожд ,
мокро тело,
идам до крај!
Без компромис,
без лаги,
јас сум таа што сум,
дали жива
или мртва,
сеедно е сега!

Бранови однесете ме!
Се предавам цела,
без соништа,
без надежи
пловам низ животот
или смртта,
сеедно е сега!

Полна сум со љубов.
Омразата ја оставив зад себе,
немам стремежи,
ниту копнежи,
јас сум страст,
јас сум енергија,
едно сум со бурата!
Каде минам оставам пустош,
правам место за вистината,
а вистината не е тивка,
таа е онаква каква што е
и повикува на милиони пискоти,
предизвикува милиони воздишки
и не носи во живот
или смрт,
сеедно е кога се љуби!
Leia Mais...

Отровна месечина

Wednesday, November 30, 2011. comments (0)
Отровна месечино!
Толку сладок отров
внесуваш во моите вени,
умирам, со задоволство
во секое сетило.
Експлозија,
па темнина.
Само ти стоиш вечна,
полна и сјајна.

Отровна месечино!
Не ми даваат мир
сите твои покани
за грев, за патувања
непознати,
го прифаќам  твојот повик,
твојот сладок отров
се шири низ моето тело.
Експлозија,
па темнина.

Отровна месечино!
Ја пееш исконската песна
за  мажот и жената
и нивната страствена борба,
прапочетокот на секој грев.
Возбуда и танц,
нема криење од таа песна,
како морнар намамен од сирена
јас неможам да одолеам
на искушението.

Отровна месечино,
не се менувај!
Кој знае која песна е божествена,
а која ѓаволот ја пее.
Дал` љубовта може некогаш
да е грешна?
Дал` страста секогаш е
пеколна творба?

Отровна месечино!
Ќе седнам на твојата
округла сребрена рамка,
твојот сјај ќе биде замена,
за отсуството на топлина.
Топло тело,
студена топка,
ќе горам во желбата
да го допрам него
и да ме допре,
се додека отровот
ги нагризува нашите
млади тела.
Се додека не ја растопиме
сета твоја величественост!
Експлозија!
па темнина.
Но барем сме биле живи,
пред смртта.

Една мала ѕвезда
ќе се создаде во далечната вселена,
како спомен на нашата љубов!

Leia Mais...