Танц со ноќта

Monday, May 28, 2012. comments (0)
Ноќта е моја верна пријателка,
таа молчи и бакнува,
засолниште е за изгубени души
како мене.
Ја прегрнувам темнината,
ги бакнувам ѕвездите,
ја заплеткувам месечината во мојата коса
и танцувам невешто
танго на осамените души,
пеам песна за изгубените соништа
да ги вратам и отсонувам одново.
Нема темнина доволно темна за мојата љубов,
моето срце трепери со нежна светлост,
бакнувајќи ги ѕвездите
сфатив дека твоето срце треперејќи
се појави меѓу нив,
се издвои , твоето тело
го допре моето.
Танцувајќи со темнината
те открив меѓу ѕвездената прашина
додека го изведуваше твојот танц,
ја отплеткав месечината од моите коси
и ја закачив на твоето чело,
ми се насмевна и усните ни се споија
во едно големо срце.
Една нова планета засвети на небото,
темнината повеќе не постоеше
и за тајни повеќе немаше  место

.
Leia Mais...

Опиеност

Sunday, May 27, 2012. comments (0)
На моменти не сакам да сум свесна,
намерно се губам и летам,
некаде далеку од се
блиску до тебе и твоите чекори.
Летни и ти!
Изгуби се во мене,
незнам која сум и од каде потекнувам,
сега сум жена само
и како жена те прегрнувам,
прегрни ме и ти,
не ми е битно ни кој си , ни од каде си!
Небото е бескрајно,
виното е длабока вода во која пловиме,
се губиме во незнаење и невиност
додека минливоста не не проголта.
Дотогаш летај со мене!
Понеси ги моите чувства во градината на задоволството,
без вина, без страв , без причини , ни последици,
не постои друг свет за нас,
освен оној во нашите срца.
Залиј и наздрави со вино
и прости му на моето пијанство,
не ме суди , ниту обвинувај!
За љубовта нема правила , ниту реалност,
се е фантазија, се е илузија,
остави ме да верувам и не ми ги поткаструвај крилјата
и да ми е последен овој лет
нека биде само за нас и никој друг.

Leia Mais...

Животно со илјада лица

Thursday, May 3, 2012. comments (0)

Се претворам во диво суштество.
Нема ништо мирно и питомо во мене.
Нема спокој, само немир,
претчувства и инстикти.
Очите ми светкаат
со огнен жар и ноздрите
намирисуваат крв.

Дали остана нешто човечко во мене
ил сум животно со илјада лица?
Да бегам од животот со зајачки трк
ил да зарежам лавовски пред секој напад?
Можеби слобода да барам како птица
или како волк да го барам својот плен?

На секоја мисла за тебе
крвта моја се претвора во оган.
Пеколот и рајот заедно во едно,
чистилиштето мое си ти.
Попрскај вода наоколу,
оганот да не те зафати!
Биди ангел или човек.
Бегај од животно како мене!
Намирисувам крв.

Ако твојот врат се најде под моите заби,
ако твоето тело се најде под моите бедра.
верувај никогаш нема да избегаш
од животинскиот преграб!
Ќе исчезнеш под мојата страст!
Ќе те проголта мојот оган!
Ќе те проколне мојата страст.













Leia Mais...

Размена

Monday, April 2, 2012. comments (0)
Ајде да си ја размениме кожата !
Ти на мене твојата,
јас на тебе мојата.
Да се облечеме еден во друг,
да се запознаеме,
да се поврземе,
покриеме и откриеме !
Ти животно, јас жена.
Јас животно, ти маж !

Ајде да си ги размениме срцата,
да видиме кое  повеќе тежи ?
Кое повеќе крвави ?
Кое побрзо чука ?
Чија крв е поврела
и полна со разни приказни
кои се раскажуваат низ секое делче,
низ целото тело,
моето и твоето !

Ќе заборавиме кој е кој,
и што е што,
мојата приказна ќе биде твоја,
а твојата како да е моја !

Ајде да си ги размениме очите !
Да се погледнам себеси,
и осознаам длабоко.
Да се погледнеш себеси
како што јас те гледам,
да се засакаш како што јас те сакам.

Ајде да си ги размениме
и  љубовните органи !
Да навлезам во тебе длабоко
и ти да  почувствуваш
како го истражувам твоето тело !
Во мислите заедно ,
со телата едно !
Ти ќе бидеш јас,
а јас ти !

Leia Mais...

Сладок грев

Sunday, March 25, 2012. comments (0)
Прегрни ме!
Обвиткај ги твоите гранки,
пушти ги своите корења,
зари ги твоите боцки!
Крв нека потече од моето меко тело,
модринки на страста
нека ме означат на секое делче!
Сакам да чувствувам,
нејќам да сум ладна,
ниту  да спијам!
Очиве да не ги затворам,
цела ноќ и цел ден.
Како волци да завиваме
на месечината
се додека гласот не оформи
вечен оган
на кој ќе гориме!
Гревот наш е толку рајски,
пеколот ни го отстапува
својот пламен
да не осветлува
додека грешиме
одново
и одново
се додека
дојдеме до крајот!
За нас ќе се поклопат доброто
и злото,
страста ќе не одведе далеку
од судот,
блиску до блудот,
о тој толку сладок грев!

Leia Mais...

Македонски народни песни ;)

Wednesday, February 29, 2012. comments (0)
Leia Mais...

Чекајќи ја пролетта

Tuesday, February 21, 2012. comments (0)
Зимата ги замрзна нашите срца,
студенилото `не затапи,
без мириси, без боја,
како `се да умира,
како `се да спие.

Во тишината зачув тропот,
топлина низ моето тело,
во ноздрите навлезе мирис
на млада трева и свеж воздух,
благ трепет низ моите гради.

Нешто се буди во мене,
мислев дека не сум повеќе жива,
дека не можам да љубам повеќе,
не можам да допрам, ниту да милувам,
ниту да бакнувам.

Усните се зацрвенија,
благ вкус на вино почуствуваа,
во окото искра светна,
да осветли, љубовта да ја најде,
ако ја нема да ја измисли.

Мирис на пролет,
поглед во иднината,
додека се движам,
сакам тоа да биде
во тактот на љубовта!

За да не умирам тивко,
сакам гласно да живеам.
За да го прикријам тивкиот лелек
со сета сила ќе викнам
во врвот на уживањето!

Тоа е момент кога се испреплетуваат
смртта и оживувањето,
љубовта и омразата,
надежта и очајот,
момент кога сваќам дека сум жива.

Leia Mais...